Ни доаѓа првакот: Послатко деби во мундијалски квалификации не можевме да посакаме!

Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва, против Шпанија (19.30 часот), во салата „Јане Сандански“ ќе го почне настапот во квалификации за едно Светско првенство (СП), во кои никогаш досега нема настапувано.

Послатко деби и не можевме да посакаме, поради што на гости ни доаѓа актуелниот светски шампион, кој дефинитивно е гаранција за спектакл каков што одамна немало на средбите на националната селекција. Билетите се речиси распродадени, а на трибините ќе се најдат 50-отсто од вкупниот капацитет поради актуелните владини протоколи за заштита од пандемијата со коронавирусот.

Селекторот на жолто-црвените, Драган Бајиќ, се соочува со сериозни проблеми во пресрет на пресметката со „црвената фурија“, со оглед што на располагање ќе ги нема повредените Ненад Димитријевиќ, Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, како и болниот Љубомир Младеновски. Во комбинација ќе ги нема ниту „Американецот“ Андреј Јакимовски, како и Лејсон Зекири, кој одби да игра за Македонија со желба да настапува за Косово.

Но, ниту Шпанците не доаѓаат во составот со кој станаа светски владетели, со оглед што предводникот Серџо Скариоло на располагање ќе ги нема ѕвездите од НБА и од Евролигата, во која играат дури пет екипи од оваа држава. Во нивно отсуство, во Скопје доаѓаат со речиси трет состав и со само еден интернационалец, но и покрај тоа во мечот ќе влезат како огромен фаворит.

Во нашата група се уште и Грузија и Украина, кои денеска од 16 часот ќе го одиграат меѓусебниот дуел во Тбилиси. Вторите средби од ноемврискиот циклус се играат в понеделник, кога Шпанија ги пречека Грузијците, додека Македонија ќе им гостува на Украинците.