Не им се исплашивме на Русите: Македонија одигра одлично полувреме во Перм!

Македонската кошаркарска репрезентација одигра одлично во првото полувреме од вториот квалификациски дуел за пласман на ЕП 2021, како гости, против Русија, откако на одмор замина само со негатива од само два поени (36-38).

Жолто-црвените воопшто не се исплашија од големиот број евролигашки руски играчи и со квалитетна одбрана и смирен напад умешно му парираа на реномираниот противник. Избраниците на Александар Тодоров голем дел од средбата беа и во водство, во неколку наврати и со пет поени, за во вториот период умешно да го спречат налетот на противникот, кој исто така повеќе пати имаше позитива од седум поени.

Ниту преполната сала во Перм, каде што има 7.000 расположени за навивање руски фанови, не ја наруши концентрацијата на македонските кошаркари, кои умешно ја казнуваа секоја грешка на противникот. Андреј Магдевски игра одличен меч и е наш прв стрелец со осум поени, заедно со четири скока и три асистенции, додека Дамјан и Војдан Стојановски постигнаа седум односно шест поени.

Без разлика на крајниот исход, овој меч засекогаш ќе го памети 18-годишниот Андреј Јакимовски, кој во Перм ги одигра првите минути како сениорски репрезентативец на Македонија.