Македонија и бегството од европското дно ќе го почне без Димитријевиќ во тимот!?

Македонската репрезентација кон крајот на месецов ќе го почне настапот во првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029 и тоа се пресметки со „велесилите“ Азербејџан (дома) и Ирска (гости), што ќе биде почеток на евентуалното бегство од најдлабокото можно дно во европската кошарка.

Патот кон површината нема да биде лесен, без разлика што противниците се речиси залутани во овој спорт, а последните информации велат дека тој ќе биде уште потежок поради речиси сигурното отсуство на најдобриот (на хартија) наш кошаркар – Ненад Димитријевиќ. Тој веќе еден месец не настапува за рускиот тим Зенит и тоа поради скршеница на прстот на левата нога. Последните информации велат дека веќе почнал со индивидуални тренинзи, но засега не е познато кога би се вратил на паркетот. Знаејќи дека во минатото повеќе наоѓал изговори да не игра за Македонија отколку што го носел жолто-црвениот дрес, за очекување е овој пат да ја искористи повредата за да се заблагодари за евентуалната покана за настап во најниското по ранг натпреварување во репрезентативниот баскет.

Македонија е во единствената од трите групи со четири селекции, меѓу кои уште е и Луксембург. Средбите од оваа претквалификациска фаза освен месецов ќе се играат и во февруари и јуни/јули следната година. Победниците од секоја група, заедно со најдобриот состав меѓу второпласираните ќе обезбедат пласман во вториот круг од претквалификациите за собирот по дури четири години.