Македонија без Димитријевиќ, но со Војдан и Јакимовски ќе го почне патот кон ЕП 2029!

Селекторот на македонската репрезентација, Марјан Илиевски, денеска го објави списокот со кошаркари на кои смета за претстојниот старт на првата фаза од претквалификациите за ЕП 2029, а на кој повторно го нема нашиот најдобар поединец во моментов – Ненад Димитријевиќ.

Тој еден месец беше во аут поради скршеница на прст на ногата, но неодамна почна да игра за Зенит опоравен од повредата, но и покрај тоа повторно ќе го прескокне настапот на Македонија. Пречка да игра нема ниту поради евентуални обврски во клубот, кој нема натпревари во периодот помеѓу 23 ноември и 7 декември. На списокот се дури тројца Американци, иако според правилата на ФИБА во тимот може да има само еден „странец“. Најдобриот од августовските квалификации, Џејкоб Вајли, е најреална опција за настап, но во игра се и нашите нови Американци, Омар Мур и Нејт Сестина, кои тешко дека ќе дебитираат со оглед што првиот во истиот период има евролигашки обврски, а вториот е повреден.

Добра вест за Илиевски е враќањето на Војдан Стојановски во националниот тим, откако го пропушти претходниот циклус поради приватни обврски, а по подолго време ќе се појави и Андреј Јакимовски, кој сезонава игра во фантастична форма за италијанскиот тим Тренто. Се враќа и искусниот Стојан Ѓуроски, кој летово беше повреден, а останатите се речиси истите од претходно, без посебно изненадување.

Жолто-црвените в понеделник ќе почнат со тренинзи во салата СРЦ „Кале“, а следниот период ќе ги одмерат силите против Азербејџан (27 ноември) на домашен терен и на гости против Ирска (30 ноември).

СПИСОК НА ПОВИКАНИ КОШАРКАРИ: Војдан Стојановски, Андреј Магдевски (МЗТ Скопје), Стојан Ѓуроски (Работнички), Бобан Стајиќ, Андреј Митревски, Лука Стојановски (Пелистер), Андреј Јакимовски (Тренто, Италија), Теодор Симиќ (Кожув), Адем Мекиќ (Бора, Косово), Валмир Какруки (Приштина, Косово), Лејсон Зеќири (Башкими, Косово), Виктор Ташовски, Страхил Николов (ТФТ), Џејкоб Вајли (Ритас, Литванија), Омари Мур (Валенсија, Шпанија), Нејт Сестина (Олимпиа Милано, Италија).