Пелистер има нов предизвик во ЛШ: Битолчани сакаат победа и во Сегедин!
Вечерва со почеток од 18:45 часот, Пелистер ќе почне нова пресметка со ПИК Сегед, овојпат на унгарско тло.
Момците на Гарабаја со зголемена самодоверба по последната победа, ќе се обидат да го изненадат противникот и на негов терен, но ќе биде многу потешко.
„Ќе биде потешко од првиот меч, тоа е сигурно. Добро е што полека се враќаме после сите оние потешки повреди на стартот од сезоната, очекувам да играме подобро со секој изминат натпревар. Нашиот фокус секогаш е на следниот натпревар. Ако дојдеме во позиција да се бориме за пласман во следната рунда, ќе го дадеме максиумот за тоа да се случи“, изјави тренерот на Пелистер, Рубен Гарабаја.
По седум одиграни кола оваа сезона во Лигата на шампионите, Пелистер има две победи и пет порази. Со четири освоени бода е на претпоследното место на табелата.