Куманово 2009 и официјално е „мртво“ – да живее МКК Куманово!

Екипата на Куманово 2009 од денеска и официјално е избркано од Втората лига и предвреме преселено во понизок ранг, откако им беше регистриран вториот службен пораз во меч против Шкупи (0-20), кој требаше да го одиграат минатиот викенд на теренот на противникот.

Ова најверојатно е и дефинитивен крај на постоењето на клубот кој беше важен фактор во македонската кошарка во изминатава деценија и кој може(ше) да се пофали со две вицешампионски „титули“. Кумановци играа во финалето од плејофот во 2015 и 2016 година, кога водеа стравично добри и до крај неизвесни битки против МЗТ Скопје, а беа следени од преполни трибини во спортската сала во овој град. Претходно, тие се бореа за титулата и во 2002 година, кога загубија од Работнички. Сето ова сега е само романтично минато, со оглед што откако ја загуби финансиската поддршка од градот по приватизирањето на клубот, прво испадна од прволигашката елита, а сезонава одигра колку да ја пролонгира „смртта“, која го достигна пред крајот на првенството.

„Поради неподмирени надоместоци и патни трошоци за службените лица, неплатени две котизации за натпреварување и долгувања од минатата сезона, за кои на Куманово 2009 му биле дадени неколку рокови, а истите не биле испочитувани, го загубила службено натпреварот со екипата на КК „Шкупи“ во склоп на 16. коло од Втората лига - мажи со резултат 20-0. Согласно членовите 47, 52.2 и 61.10 од Пропозиции за натпреварување во Сениорските лиги, поради два загубени натпревари со службен резултат, екипата на КК Куманово 2009 ќе се исклучи од понатамошното натпреварување во Втората лига мажи. Бодовите на екипата на КК Куманово 2009 се бришат согласно член 34 од Правилникот за натпреварување во Сениорски лиги“, се вели во денешниот Билтен на КФМ.

Ова воедно не значи крај на кошарката во овој најсеверен град во Македонија, која ќе продолжи да „живее“ преку МКК Куманово, кој исто така игра во Втора лига, но чија промоција на елитата е само формалност. Станува збор за сериозен и квалитетен колектив, кој ја има поддршката од локалната власт во градот, а го има и легендарниот Марин Докузовски за тренер. Се очекува овој клуб да ја продолжи кошаркарската традиција, а ако продолжи како што почнал не е за исклучување наскоро повторно да има кумановски состав во битката за трофеите во макбаскетот.