Со сите сили кон ЕП: Кошаркарите против Естонија го играат мечот на деценијата!

Македонската репрезентација денеска ќе ги одмери силите против Естонија (15 часот) во кој со победа со најмалку двоцифрена разлика ќе обезбеди пласман на Европското првенство (ЕП) 2022, односно по пауза од седум години ќе се врати во кошаркарската елита на Стариот континент.

Ова дефинитивно е најважниот меч за жолто-црвените во последната деценија, односно по пресметката со Русија за освојување на бронзениот медал на континенталниот собир во 2011 година во Литванија. Македонија по овој успех уште двапати настапи на ЕП, но со лесно минување на квалификациите, додека во за собирот на најдобрите во Европа во 2017 година воопшто и не дојдовме до шанса за пласман. Затоа, денешниот дуел е своевидна пресвртница за макбаскетот, особено што е последна шанса за настап на најквалитетната европска сцена за најголемите ѕвезди во репрезентацијата, браќата Војдан и Дамјан Стојановски, но и за нивните врсници како Бојан Трајковски, Бојан Крстевски и Марко Симоноски, кој поради повреда го прескокна турнирот во Перм.

Ланскиот пораз од Естонците во Скопје (72-81) ги става избраниците на селекторот Александар Тодоров во ситуација освен триумф да бркаат и разлика, со цел да се надополни негативата од девет поени. Победата со најмалку десет поени би била идеална, а ако се совлада ривалот со идентична позитива тогаш патникот на ЕП ќе го одредува – калкулаторот.

„Денеска мора да го дадеме максимумот, па дури и повеќе од тоа. Сакаме да се пласираме на ЕП и ќе сториме сѐ за да го оствариме тоа. Нема да ни биде лесно, особено ако се знае дека Дамјан и Нено имаат проблеми со повредите. Но, ако играме како во второто полувреме од средбата со Италија, мислам дека ќе бидеме на добар пат и да ја реализираме посакуваната цел“, вели Андреј Магдевски, еден од најзаслужните вчерашната победа над „аѕурите“.

Дамјан Стојановски го повреди скочниот зглоб на дуелот со Русија, но брзо се опорави па настапи вчера против италијанската репрезентација, натпревар во кој, пак, во финишот настрада Ненад Димитријевиќ. Тој беше изнесен на раце од теренот и дури до самиот почеток на денешната пресметка со Естонците нема да се знае дали ќе може да им помогне на соиграчите.

Натпреварот, како и претходните на турнирот во Перм, ќе биде пренесуван на регионалната телевизија Спортклуб.