Кошаркарите не играа на СП, ама паднаа 11 места на ФИБА-листата поради - ЕП во Литванија!

Македонската кошаркарска репрезентација преку малите екрани ги следеше возбудувањата на Светското првенство (СП) во Кина, каде што Шпанија со победа над Аргентина во финалето стигна до златниот медал, но тоа не беше причина нашата селекција да падне дури 11 места на новата ранкинг листа на Светската кошаркарска федерација (ФИБА).

Жолто-црвените во моментов се на 53. место на листата на најдобрите национални тимови во светот, што е далеку полош пласман од претходното издание во кое бевме 42. Ваквиот пад доаѓа дури и по неактивност од февруари годинава, а главна причина за тоа е фактот што ги загубивме бодовите од четвртото место на ЕП 2011 во Литванија. Листата на ФИБА се пресметува според остварувањата во изминатите осум години, а првенството на кое запишавме историја повеќе не се вбројува меѓу настаните кои се бодуваат.

Нашата селекција го дели четвртото место на мини-листата репрезентации со најголем пад, зад Јамајка (-15), Летонија, Финска (-13), а заедно со Мексико (-11). Најдобра во светот останува селекцијата на САД со 786 бодови, но со драстично помала предност пред Шпанија (731). Зад овој двоец се Австралија, Аргентина, Франција, Србија, Грција, Литванија, Русија и Чешка, која ја затвора првата „десетка“.