Кошаркарите лесно го прегазија најслабиот ривал со кој некогаш сме играле! (ФОТО)

Македонската кошаркарска репрезентација успешно го почна настапот во првата од двете фази од претквалификациите за пласман на ЕП 2029, откако вечерва, на домашен терен во СРЦ „Кале“, лесно и убедиво го прегази тимот на Азербејџан (87-49).

Победата, рака на срце и не треба да донесе некоја поголема еуфорија, освен да ја крене самодовербата кај избраниците на селекторот Марјан Илиевски, со оглед што беше остварена против убедливо најслабиот ривал со кој некогаш сме играле. Азербејџанците делуваа како набрзина собран аматерски тим, кој слабо владее со основите на кошаркарската игра, за што доказ е и фактот што речиси половина од промашените удари беа „бунар“ и „центаршут“, осносно со целосно промашен обрач.

Ова секако не смее да ја намали вредноста на успехот, особено во ситуација кога многу ретко сме во ситуација да се радуваме на победи. Кошаркарите дадоа се од себе, одиграа со срце за Македонија и заслужено дојдоа до посакуваниот епилог. Клучна беше серијата 18-2 во втората четвртина, со која дојдовме до плус 18 (33-15), како најава на крајниот убедлив епилог во корист на жолто-црвената чета. До крајот беше само рутина, а единствената енигма беше крајната позитива во корист на нашата репрезентација.

Андреј Јакимовски со стил се врати во селекцијата на Македонија по принудното отсуство поради играње на универзитетско ниво во САД, па беше најефикасен со 25 поени и 11 скока. Веднаш зад него беше уште еден повратник, Војдан Стојановски, кој средбата ја заврши со 16 поени и 11 скока, додека двоцифрен ефект имаше и Лејсон Зеќири со 17 поени. Амил Хамзаев со 12 и Весли Ван Бек со 10 поени беа подобри од останатите кај гостите.

Македонските кошаркар следниот претквалификациски меч ќе го одиграат по три дена (недела), кога ќе ѝ гостуваат на Ирска, која, пак, вечерва игра против селекцијата на Луксембург.