Кошаркарите ја напаѓаат Полска – со победа да се анулира домашниот пораз од Естонија
Само со триумф во салата во Сосновиец би задржале реални шанси за пласман на првиот континентален собир по пауза од десет години, со оглед што така би го компензирале неодамнешниот пораз од Естонија во Скопје. Мотивот дефинитивно треба да биде на наша страна, без разлика што противникот ќе игра пред своите гледачи, со оглед што Полјаците немаат натпреварувачки мотив со оглед што веќе имаат билет за ЕП како еден од организаторите на овој шампионат.
„Полска е силна репрезентација и без оглед што е пласирана на Евробаскет сигурно ќе биде мотивирана да одигра добар меч на домашен терен. Ќе мора да се бориме за секоја топка за да имаме шанса да стигнеме до позитивен резултат. Борбеноста мора да биде највисоко ниво за да имаме барем некаква шанса за победа на овој меч“, вели натурализираниот Американец, Итан Хап пред првото гостување во квалификациите.
Жолто-црвените одиграа повеќе од солиден меч против Естонците, во кој паднаа на самиот крај, за што придонесе и повредата на Ненад Димитријевиќ. Тој замина со соиграчите кон Полска, но за неговата здравствена ситуација нема никакви информации од репрезентативниот табор. Со Нено и без Нено нашата репрезентација е тотално различна, поради што и тоа како е важно тој да се најде на паркетот. Шансите за триумф на Македонија од вчера се релативно поголеми, откако излезе информацијата дека за Полјаците нема да настапи евролигашкиот кошаркар, Матеуш Понитка, кој доби наредба итно да се врати во Партизан и тоа директно од тренерот Жељко Обрадовиќ.
Средбата од Сосновиец директно ќе биде пренесувана на регионалната телевизија Спорт клуб.