Кошаркарите десеткувани бркаат нова сензација против силната Литванија!

Со големи играчки проблеми, македонската кошаркарска репрезентација го очекува вечерашниот натпревар од третото коло на квалификациите за Европското првенство во 2025 година.

Противник е поранешниот европски шампион Литванија, репрезентација која секогаш ни е во прекрасно сеќавање поради историскиот триумф од Еуробаскетот во 2011 година, но која сега доаѓа во исклучително тежок момент за нас. И противникот има проблеми околу составот бидејќи вечерва не можат да играат евролигашките и НБА ѕвездите, но кај него тоа не се чувствува толку многу како кај Македонија, поради поголемиот фонд кошаркари.

За нас доволно е да се каже дека ќе го нема ударниот тандем од првите два меча во квалификациите Димитријевиќ-Хап. Можеби евентуалното присуство на Ти Џеј Шортс ќе помогнеше малку, но и тој има евролигашки дуел со својот Париз, против Анадолу Ефес во Истанбул.

Поради сето ова, главниот товар вечерва ќе треба да го покријат играчите од домашното првенство, помогнати од Лејсон Зеќири кој настапува во Косово и Кристијан Николов во турската втора лига. Јасно е дека противникот е голем фаворит, а во исто време се наоѓа и под императив да победи поради февруарскиот неочекуван пораз од Естонија.

Денешниот натпревар се игра од 18 часот, а во исто време почнува вториот дуел во групата, меѓу Полска и Естонија кој е од исклучително значење за нас.