Играше и за Македонија: „Дебелкото“ од Работнички потпиша за тим од Белгија!

Едно од засилувањата кое требаше да биде клучно во борбата на Работнички за шампионската титула минатата сезона, Американецот Дариус Вашингтон, следната сезона ќе настапува во Белгија, откако потпиша договор со екипата на Бејсик-Фит од Брисел.

Станува збор за 34-годишен ветеран, за кого ова ќе биде дури 14 тим во кариерата. Вашингтон во „Градски парк“ дојде лани во април, непосредно пред завршницата во Купот на Македонија, кога Работнички триумфира без негова помош иако беше во тимот во полуфиналето и финалето. Причина што не се изнаигра во црвено-белиот дрес беше фактот што дојде неспремен и со 20-тина килограми повеќе, поради што имаше конфликт со тогашниот тренер Марин Докузовски. Еден месец подоцна, тој си замина од таборот на најтрофејниот македонски тим.

Вашингтон има и македонски пасош, добиен пред нешто повеќе од десет години, но освен една пријателска средба никогаш не доби шанса за посериозен настап во црвено-жолтиот дрес. Во тој период играше за Остин Торос, вториот тим на Сан Антонио спарс во Д-лигата, а имаше и неколку настапи во дресот на „мамузите“ од Тексас. Ветеранот досега има играно за екипи како Ле Ман, Ираклис, Виртус Рома, Турк Телеком, Галатасарај...