Македонската женска репрезентација за кошаркарки до 18 години по голема борба загуби во вечерашната пресметка против Грција (38-48) во меч од 3. коло на Европското првенство (ЕП) за јуниорки, дивизија Б, кое се одржува во Скопје.

Тоа беше прв дуел на кој наша спортска селекција настапи со новото име на државата на дресовите токму против репрезентацијата на државата која нѐ примора да го сториме тоа. Грчките кошаркарки беа за нијанса подобри од избраничките на селекторката Жаклина Стојановски, кои покажаа исклучителна борбеност и пружија силен отпор, кој, за жал, не беше доволен за триумф.

Гостинките во финишот ги искористија грешките на жолто-црвените направени во голема желба за брз пресврт, па првпат дојдоа и до двоцифрено водство. Илина Селчова со 16 поени беше убедливо најдобра во тимот на Македонија.

За нашите јуниорки ова беше трет пораз во низа на второлигашкото ЕП, на кое сѐ уште немаме триумф. Утре кошаркарките се слободни, а во вторник ќе ги одмерат силите со Австрија.