Голем успех: Нашиот Јаничиќ меѓу десетте најперспективни кошаркари во светот!

Еден од најталентираните македонски кошаркари, Никола Јаничиќ (17 години), повеќе од успешно го заврши настапот на кампот „Кошарка без граници“, кој повеќе од две децении традиционално се одржува во организација на НБА.

Тој се најде во најдобриот тим на собирот кој изминатиот викенд се случи во Сан Франциско, а истовремено беше најдобар во шутирањето тројки во конкуренција на 40 талентирани врсници од целиот свет.

Јаничиќ кариерата ја почна на десетгодишна возраст во клубот Водно Санс од Скопје. Седум години подоцна го предводеше националниот тим до 18 години до златниот медал, на Европското првенство (дивизија Б), кое минатото лето се одигра во Скопје, а на кое беше прогласен и за најкорисен играч на првенството (МВП). Тој беше прогласен за најдобар млад кошаркар од страна на КФМ за 2023 година.