
Пред кошаркарите е пеколно лето – би можеле на мегдан со Хрватска и Бугарија!
„Црвено-жолтите“ ќе ја започнат својата мисија за следниот Мундијал за две години од втората од вкупно четири квалификациски фази, каде што ривалите би можеле да бидат силни селекции како Хрватска и Бугарија, кои за влакно не обезбедија место на континенталниот собир. Во претквалификациите ќе учествуваат 12 репрезентации, кои ќе бидат распределени во четири групи по три тима, а пласман во следната фаза ќе обезбедат најдобрите две селекции од секоја група.
Ждрепката е закажана за 14 март во швајцарскиот град Миес, а екипите ќе бидат распределени во барабани врз основа на новата ранг-листа на ФИБА, која ќе биде објавена следната недела. Се очекува Македонија да биде во вториот барабан, што носи можност за дуели со силни репрезентации, но и со една селеција од најслабата група, која би требало да биде нашата шанса за продолжување во следниот круг.
Претквалификациските натпревари ќе се играат од 2 до 20 август, што значи дека македонските кошаркари ги очекува напорно и жешко лето на патот кон Мундијалот.
РАСПОРЕД НА СЕЛЕКЦИИТЕ ПРЕД ЖДРЕПКАТА
ПРВ БАРАБАН: Хрватска, Украина, Бугарија, Унгарија.
ВТОР БАРАБАН: МАКЕДОНИЈА, Холандија, Данска, Словачка.
ТРЕТ БАРАБАН: Романија, Швајцарија, Австрија, Норвешка.