ФИБА оценуваше: Македонија за поразите од Естонија и Русија едвај доби - „двојче“!

Причина што жолто-црвените се најдоа меѓу најслабо оценетите национални селекции се поразите од Естонија со минус девет и од Русија со минус десет поени разлика, што шансите за пласман на следниот континентален собир ни ги сведоа само на теоретски. Токму тоа го потенцираат и луѓето од ФИБА, според кои оваа генерација предводена од селекторот Александар Тодоров тешко дека ќе може да тргне по стапките на претходниците кои блескаа на ЕП 2011 во Литванија.

„Работите навистина не изгледаат добро за кошаркарите на Македонија. Тие имаа добри моменти и на двете средби, но, сепак, имаат скор 0-2 и тоа со домашен пораз од најголемиот директен конкурент Естонија и со уште две средби за играње со лидерот во групата Италија во следните два прозорци. Тешко може да се очекува повторување на успехот од 2011 година на десетгодишнината од нивниот историски пласман во полуфиналето“, пишува во објаснувањето зошто добивме „двојче“.

Покрај нашата селекција, оваа едвај преодна оценка ја добија уште Романија, Данска и Австрија, кои исто така претрпеа по два порази. Најдобро оценети, пак, се Белгија и Израел, кои не само што победија по двапати, туку тоа го направија на ептен убедлив начин. Изненадувачки добро мина и соседна Бугарија, која го привлече вниманието на европската јавност по фантастичната победа над Летонија во меч со две продолженија.

Македонија следните два меча од квалификациите за ЕП 2021 ќе ги одигра на крајот од ноември, кога ќе гостуваме двапати и тоа прво на Италија (27.11), а потоа и на Естонија (30.11), во сигурно најважниот натпревар за жолто-црвените не само во овој циклус туку и во изминатите пет години.