Навивачите на македонскиот Престон ја „расплакаа“ грчката заедница во Австралија (ФОТО)
Престон Лајонс е клуб кој традиционално е поврзан со македонската заедница во Австралија, додека Саут Мелбурн е клуб со силни корени во грчката дијаспора и е познат и под името „Хелас“. За време на натпреварот, членови на навивачката група „Престон Бојс“ истакнаа транспарент со натпис „Anti-Hellass“, заедно со македонските знамиња со сонцето од Кутлеш. Без разлика што станува збор за навивачки препукувања со користење на неофицијалното име на противничкиот клуб, претставниците на грчката заедница во Австралија од сето ова направија скандал.
„Плачењето“ од страна на Грците по медиумите блиски на нивната заедница, неочекувано, предизвика реакција од Фудбалската федерација на австралиската држава Викторија, која ги осуди случувањата, оценувајќи дека еден од најатрактивните натпревари во сезоната повторно бил засенет од постапки на мала група поединци.
„Овие постапки беа намерно насочени кон провокација, поделби и поттикнување тензии. Лицата кои стојат зад нив немаат место во нашиот спорт“, соопшти Федерацијата, најавувајќи дека во соработка со полицијата ќе ги идентификува одговорните и ќе ги санкционира со сите расположливи мерки, вклучувајќи и забрана за присуство на натпревари.
Ваквата реакција донесе и соопштение од Престон Лајонс, кој се огради од однесувањето на навивачите поради желба да се избегне висока парична казна.
„Овие транспаренти не го претставуваат нашиот клуб ниту огромното мнозинство наши навивачи“, порачаа од клубот.