ФИБА ги откажа младинските првенства, КФМ ќе остане без најмалку 50.000 евра!

Традиционалните континентални собири за млади кошаркари на возраст од 14 до 20 години нема да се одржат во 2020 година, откако Светската кошаркарска федерација (ФИБА) реши да ги откаже поради глобалната пандемија со коронавирусот.

Тоа значи дека претстојното лето ќе биде прво по најмалку една деценија во кое Македонија нема да биде домаќин на Европско првенство (ЕП) во некоја од младинските конкуренции и покрај веќе добиената организација за кадетскиот шампионат од дивизијата А во машка конкуренција. Правото да го организираме овој настан го задржуваме за 2021 година, за кога се презакажани овие пресметки за кошаркарските таленти на Стариот континент.

Ова воедно ќе биде голем финансиски удар за Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), со оглед на тоа што ќе остане без планираниот приход од овој шампионат, а кој сигурно немаше да биде помал од 50.000 евра. Тоа ќе биде голем удар за буџетот на Куќата на кошарката, особено ако се знае дека предводниците на макбаскетот, лани, заработиле околу 150.000 евра на двете младински првенства кои беа организирани во нашата држава.

ФИБА ваквиот делумен финансиски удар ќе го ублажи со исплаќањето на таксите кои секоја национална федерација ги добива според бројот на селекции со кои настапува во младинските категории. Според оваа ставка, КФМ во 2019 година инкасирал сума од околу 35.000 евра.