Фаворитот за селектор го тужеше Галата и за пола година си „лапна“ - милион долари!

До неодамна најголемиот фаворит за нов селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Октај Махмути, по неколкумесечен судски спор пред ФИБА успеа да го добие спорот со својот поранешен клуб Галатасарај, кој ќе треба да му исплати 995.000 долари за заостанати плати со дополнителна камата од пет-отсто годишно заедно со 32.000 евра за судски и адвокатски трошоци.

Станува збор за огромна сума не само за македонски услови, уште повеќе ако се знае дека ќе му биде исплатена за само шестмесечна конкретна работа во тимот од Истанбул. Станува збор за периодот од јануари до јуни 2018 година во кој родениот скопјанец беше на клупата на Галата, но сумата е толку висока со оглед што тој го наплати и најголемиот дел од договорот за сезоната 2018/19. Махмути имал загарантирани 800.000 долари за минатиот шампионат, од кои наплатил 675.000 иако поради неплатени обврски самиот ја прекинал соработката со истанбулскиот состав. Разликата од 125.000 долари и намалена поради понудата што ја имал во меѓувреме од Пинар Каршијака, а која не ја прифатил, што арбитражата (БАТ) ја оценила како олеснителна околност за Галатасарај.

Турскиот прволигаш нема конкретен рок за исплата на парите, но сѐ додека не го стори тоа или, пак, не постигне интерен договор со поранешниот кошаркар на Слога нема да може да регистрира странски кошаркари. Истиот тип казна до неодамна имаше и најтрофејниот македонски тим Работнички, поради долгувања кон поранешниот играч Дарко Чохадаревиќ. Пред една недела суспензијата е тргната откако управата на клубот постигна договор со српскиот интернационалец.

Махмути изминатиов период беше потенциран како речиси сигурен наследник на Јорданчо Давитков на клупата на македонскиот национален тим, како дефинитивно најголема желба за оваа позиција на претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), Перо Антиќ. Оттогаш минаа десетина дена во кои нема никакви информации на оваа тема од Куќата на кошарката, поради што се шпекулира дека раководството на макбаскетот би можело да изненади и со поинакво решение во однос на пополнување на испразнетата селекторска фотелја.