Димитријевиќ со историска партија ја уништи ЦСКА – сега друг не може да биде МВП!

Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, со брутално добра игра во дресот на Уникс Казан буквално сам ја уништи ЦСКА Москва (88-78), со што речиси сигурно го обезбеди МВП-трофејот во ВТБ лигата, а воедно на својот тим му го донесе првото место на табелата пред плејофот.

Феноменалниот плејмејкер средбата ја заврши со рекордни во кариерата 40 поени (7/9 за 3п, 8/11 за 2п) на кои додаде шест скока и девет асистенции, за вкупен индекс од дури 52 поени. Со ова влезе во елитната група кошаркари кои на европските мечеви ја надминале границата од 50 во оваа статистичка категорија, а во која нема повеќе од десетмина.

Димитријевиќ со оваа вонземска партија му донесе на Уникс скор 26-10, додека Зенит има 25-10 и натпревар помалку, а ЦСКА има 25-11. Со ова тој му ја отежна задачата на сонародникот Емил Рајковиќ, кој како тренер на московјани се надева дека ќе ја врати титулата што му побегна минатата сезона.