Димитријевиќ против браќата Стојановски во битка за кошаркар на 2019 година!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) традиционално ги објави кандидатите за најдобри кошаркар(к)и, екипи и работници во 2019 година во која можност за гласање ќе имаат и сите спортски вљубеници преку интернет-страницата на Куќата на кошарката.

Битката за најпрестижната награда за кошаркар на годината ќе се води помеѓу интернационалците Ненад Димитријевиќ од Хувентуд и Војдан Стојановски, кој првиот дел од сезоната го одигра за Олденбург, а во моментов е без клуб и капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски.

Во конкуренција на тренерите, во игра за престижната награда на домашната сцена се актуелниот шампион со „металците“, Ѓорѓи Кочов, вицепрвакот со Работнички, Марин Докузовски и стратегот на Гостивар и поранешен селектор, Марјан Србиноски, додека во „интернационалната класа“ номинирани се Емил Рајковиќ (Астана), Александар Тодоров (ЦСУ Крајова) и Тане Спасов (Легија).

Сите останати номинации да ги видите на сајтот на КФСМ, каде што ќе може и да го дадете својот глас за најдобрите.