„Десеткувани сме, ама кога се игра за Македонија - ништо не смее да е тешко!“

Македонската кошаркарска репрезентација во петок (19:30 часот) ги почнува квалификациите за Светското првенство во 2023 година и тоа против актуешниот шампион Шпанија. 

„Црвената фурија“ е голем предизвик за секоја репрезентација, а Македонија ќе биде некомплетна за оваа пресметка во „Јане Сандански“. Селекторот Драган Бајиќ освен што не може да смета на нашиот најдобар кошаркар Ненад Димитријевиќ, кој е повреден, во „аут“ се и Љубомир Младеновски и Стојан Ѓуроски.

„Лејсон Зекири не се јави на повикот, Младеновски дојде на собирот, но имаше проблеми со вирус, па голем е ризикот да го впуштиме во овој натпревар, затоа што може да ја зарази екипата. Ѓуроски исто така дојде, почувствува болки во мускулот, ги направивме сите прегледи и тој исто така нема да помогне. Тука сигурно ни фалат пет играчи, кога ќе видиме дека ги немаме Стојановски, Димитријевиќ и Јакимовски. Тие да беа тука, можеби ќе го почнеа натпреварот против Шпанија. Мора што добро да се подготвиме за овој натпревар. Не треба јас да ги мотивирам за Шпанија, туку тие самите. Кошаркарите знаат како треба да се однесуваат кон овој дрес. Без разлика во кој состав доаѓа, Шпанија е силен тим. Тука е и селекторот Скариоло. Но, како што кажав претходно, сум победувал посилни со послаби тимови, а самото играње за Македонија е доволен мотив за сите кошаркари. Влегуваме во овој дуел со самодоверба, не смееме да губиме многу топки, да ја сопреме транзицијата на противникот и да играме меч со малку поспор ритам“, рече селекторот Драган Бајиќ на денешната прес-конференција.