„Да ги заборавиме стартните порази и во Талин да си ги зголемиме шансите за ЕП 2022!“

Крилниот центар на Пелистер, Бојан Трајковски, се враќа во националната селекција по пропуштениот февруарски циклус квалификации за ЕП 2022, во кој Македонија загуби дома од Естонија и на гости од Русија, а по откажувањето на дури четворица високи играчи (Ѓуроски, Николовски, Крстевски и Маслинко) се очекува да биде еден од главните адути на селекторот Александар Тодоров во играта под кошевите.

Неговото искуство и тоа како ќе биде значајно на претстојните пресметки во „балонот“ во Талин, каде што жолто-црвените ќе ги одмерат силите со Италија (28 ноември) и Естонија (30 ноември).

„Загрижени сме, коронавирусот создава тензија, бидејќи не знаеме кој ќе патува во Естонија. Еве на првите два теста во Скопје сите сме негативни, а се надевам дека исто ќе биде случај и на третиот тест и сите ќе отпатуваме за Талин. Прв ривал ни е Италија, од тоа што го видов тоа е репрезентација од играчи кои не ни се многу познати. Тоа никако не смее да нѐ залаже бидејќи пред себе ќе имаме тежок ривал. Мора да влеземе во секој натпревар максимално подготвени, максимално мотивирани, за на крајот на мечот резултатот да биде во наша полза. Да ги заборавиме двата порази од стартот на квалификациите и со добри игри во Талин да си обезбедиме шанса во завршницата од овој циклус да се бориме за пласман на ЕП“, изјави Трајковски.

Македонските кошаркари денеска почнаа со подготовки, во кои ќе одржат три тренинзи во Скопје, по што в понеделник ќе отпатуваат за Талин.