Македонската јуниорска репрезентација не ја мина првата пречка од нокаут-фазата на Европското првенство (ЕП) во Измир (Турција), откако вечерва загуби убедливо од Шпанија (45-73), еден од најголемите фаворити за златниот медал.

Шутот одново не им одеше на момците на селекторот Тони Симиќ, со оглед што едвај ја надминаа границата од 30-отстотна успешност во ударите од поле, а за тројка беа ептен лошо со само два погодени од 17 шута за три поени. Жолто-црвените се држеа само до пред крајот на првиот период, кога имаа само два поени негатива (14-16), по што „фуријата“ направи серија 21-4 со што дојде до огромни плус 19 (37-18) и го најави крајниот епилог на средбата.

Теодор Симиќ одново беше единствен двоцифрен во македонскиот тим со 11 поени и шест скока, но со лош шут од поле (5/17) и со сите шест промашени шута за тројка. Зад него беше Алек Петровски со девет поени.

Македонија утре ќе игра против Грција (19.30 часот), а влогот е дали на крајот ќе се бори за пласман од 9-12 или, пак, од 13-16 место на континенталниот собир, а со тоа и за избегнување испаѓање од елитната дивизија.