Македонската кошаркарска репрезентација останува без победа во квлаификациите за СП 2023, откако го претрпе и четвртиот пораз по ред, овој пат на домашен терен во пресметката со Грузија (65-79).

Засилени со Ненад Димитријевиќ и Андреј Магдевски, жолто-црвените ја прикажаа можеби најдобрата партија во овој натпреварувачки циклус, но и тоа ниту од далеку не беше доволно за победа во друштвото на најдобрите 32 селекции во Европа. Отпорот на четата на Александар Јончевски, кој го менуваше позитивниот на Ковид-19 селектор Драган Бајиќ, траеше до средината на вториот период, кога гостите со серија 13-0 дојдоа до првата двоцифрена предност (41-31), која потоа умешно ја одржаа до самио крај.

Нашите момци во ниту еден момент не се предадоа, намалија на само минус три (55-58) на стартот од последниот период, а потоа дојдоа и на 65-69, но потоа влегоа во серија грешки. Гостите скапо ги наплатија нивните пропусти, а згора и добија неколку подароци од судиите, а средбата ја завршија со нова серија 14-0 во која нашите момци не постигнаа ниту едне поен во последните нешто помалку од четири минути.

Димитријевиќ беше најефикасен во нашито состав со 25 поени и седум скока, но впечаток е дека премногу солираше и воопшто не ги разигруваше соиграчите, за што говори и фактот што упати дури 19 шута, скоро двојно повеќе од Војдан Стојановски и Бојан Крстевски, кои беа зад него во обидите кон противничкиот кош. Бекот на Валенсија имаше и осум загубени топки. Стојановски постигна 13 поени, Крстевски 11, а Џејков Вајли имаше учинок од 10 поени и девет скока. Поранешниот кошаркар на Карпош Соколи, Тадус Мекфаден со 24 поени беше најпрецизен кај Грузијците.

Вториот меч од нашата група помеѓу Украина и Шпанија е одложен. Грузија сега има скор 3-1, Шпанија има 3-0, Украина има 1-2, а Македонија е убедливо последна со 0-4. Пласман во втората фаза од квалификациите обезбедуваат трите најдобри селекции, кои ќе се знаат по јулскиот циклус натпревари во кои прво ѝ гостуваме на Шпанија (1 јули), па ќе ја пречекаме Украина (4 јули).