Боро Смилковски назначен за селектор на младинската репрезентација на Македонија

Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 20 години ќе има нов селектор на Европско првенство во елитната конкуренција на која ќе настапи претстојното лето.

На местото на Никола Василев, кој ја напушта функцијата, назначен е Боро Смилковски, актуелниот тренер на ТФТ кому ова ќе му биде прво селекторско искуство во кариерата. Смилковски веќе четврта сезона со голем успех го води ТФТ во прволигашката конкуренција и со овој тим освои трофеј во Купот на Македонија во 2022 година.

Последните две сезони учествува и во АБА 2 лигата, а и годинава и лани стигна до полуфиналето од домашниот плејоф. Искуството кое го стекна на домашна и меѓународна сцена треба да му помогне да оствари што е можно подобар пласман на Европското првенство. Во неговиот стручен штаб ќе бидат Методија Бешлиовски кој му е асистент и во ТФТ, помошниот тренер во МЗТ Скопје, Миодраг Тодоровиќ и кондицискиот тренер на ТФТ, Матеј Јовановски.

Европското првенство во младинска конкуренција оваа година ќе се одржи во Гдиња, Полска од 13 до 21 јули. Македонија се наоѓа во исклучително тешка група со Турција, Шпанија и Белгија, а потребно е да ги избегне последните три места на шампионатот за да избори опстанок.