Бомбастична најава: Македонски репрезентативец пред потпис со Ц. Звезда!

Македонскиот репрезентативец, Ти-Џеј Шортс, е на чекор од трансфер во редовите на Црвена Звезда, пренесуваат српските медиуми и грчкиот кошаркарски инсајдер, Михаилис Капсис.

Плејмејкерот, наводно, веќе се наоѓа во Белград, каде што се водат финалните разговори со раководството на белградскиот евролигаш. Сигнали дека договорот е блиску до реализација пристигнуваат и од грчките медиуми, со оглед што Шортс сезонава настапуваше за Панатинаикос. Тој во Атина пристигна како големо засилување, но сезоната не донесе посакуваните резултати ниту за него ниту за грчкиот великан, што ја отвори можноста за нова средина уште по само една година.

За услугите на македонскиот репрезентативец сериозен интерес покажаа и Хапоел Тел Авив, како и Партизан, но според последните информации, токму Црвена Звезда била најконкретна во преговорите и најблиску до неговиот потпис. Дополнително, и навивачките форуми на белградскиот клуб веќе пишуваат дека трансферот е практично завршена работа и дека Шортс наскоро ќе биде претставен како едно од најголемите засилувања за новата сезона.