Бајиќ: По моето доаѓање на клупата ниту еднаш не сме комплетни

Македонската кошаркарска репрезентација утринава ги почна подготовките за последните два натпревари од квалификациите за Светското првенство. 

Селекторот Драган Бајиќ на располагање ги има сите 14 повикани играчи, меѓу кои има многу млади, како Рубин Стефанов, Теодор Симиќ, Виктор Ташовски, Валмир Какруки, Страхил Николов. Од најдобрите отсуствуваат Дамјан Стојановски, Ненад Димитријевиќ, Џејков Вајли и Андреј Магдевски.

Нашиот предводник е разочаран што повторно ги нема на располагање сите играчи за Македонија конечно да ја покаже целата своја сила. Но и со млади сили нашиот тим ќе оди на победа барем на дуелот против Украина за да го обезбеди третото место во групата и прогресот во следната фаза. 

„Добро е познато дека уште ги немаме загубено шансите кога говориме за шансите за следниот круг, туку од Украина. Мора да ги одиграме што е можно подобро последните два меча. Повторно сме хендикепирани, ни недостасуваат неколку играчи... Секој круг се повторува истото, по моето доаѓање, никогаш не бевме комплетни. И жалам за тоа што не можеме да ја покажеме вистинската сила. Но, тоа е што е, ќе се обидеме да извлечеме максимум од двете средби и ако ни се даде шанса ќе одиме на победа“, рече Бајиќ.

„Мора да имаме стратегија со екипата, посебно со младите играчи. Мора да се насочиме и кон нив, за во некоја блиска иднина повторно да имаме добри резултати. Не можев да ги видам сите играчи кои ги сакав од младите, некои беа со младинскиот тим и им дозволив да бидат таму. И тука имаме некои млади имиња, кои ќе добијат шанса на последните два меча“, додава селекторот. 

Нашиот тим на 1.јули гостува во Сарагоса кај фаворитот Шпанија, додека три дена подоцна ја пречекува Украина. По досегашните четири натпревари Македонија запиша четири порази.