Антиќ: Не сме виновни за резултатот и не размислуваме да си заминеме од КФМ!

Раководството на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска даде своевиден отчет по неуспешните квалификации за пласман на ЕП 2022, во кои жолто-црвените завршија како последни во групата, во кој не прифати одговорност за остварениот резултат, ниту пак изрази подготвеност предвреме да си замине од Куќата на кошарката.

Според првиот човек, Перо Антиќ, на кошаркарите им биле обезбедени максимално услови, какви што немале претходно, со што и тој влезе во друштво на претходниците кои секогаш и во секое време го нагласувале овој факт.

„Воопшто не размислуваме за оставка. Ги направивме сите потребни работи, но ние не можеме да влеземе во теренот и да постигнуваме кошеви. Веруваме во тоа што го работиме и ќе продолжиме во тој правец“, изјави Антиќ.

Со овој став на првиот човек се согласија и останатите во раководството на КФМ, чии чувства за остварениот резултат се помешани.

„Нема апсолутна вистина. Чувствата ни се помешани, а имаше и добри и лоши работи. Секако дека сме разочарани од неуспехот, односно од фактот што нема да играме на следното ЕП 2022, но има и позитивни работи во однос на начинот на кој игравме и од новите таленти кои тропаат на вратата на националниот тим“, изјави спортскиот директор, Тодор Гечевски.

Македонија квалификаците ги заврши со учинок 2-4, идентичен со тој на Естонија, која, сепак, имаше подобра кош-разлика во меѓусебните дуели.