
Звезда ќе го менува тренерот по ужасниот старт на сезоната!?
Кога стана јасно дека Задар ќе биде победник на мечот, навивачите на Црвена звезда почнаа да скандираат: „Управа надвор, управа надвор“. Фановите упатија свирежи и до кошаркарите кога тие се обидоа да ги поздрават, а свирежи доби и тренерот Јанис Сферопулос.
Пред поразот од Задар во АБА лигата, црвено-белите загубија во Евролигата од Баерн и Милано. Па вчерашниот загубен меч беше трет во низа.
Српските медиуми пишуваат за можен отказ на Сферопулос. Звезда последен пат во АБА лигата загуби од Задар во 2022 година, тогаш Владимир Јовановиќ доби отказ, а на клупата седна Душко Ивановиќ.
Овие денови се шпекулира со можно враќање на Саша Обрадовиќ на тренерската позиција, а тоа дополнително го зголемува притисокот кон сегашниот стручен штаб на тимот.
По вчерашниот натпревар, Сферопулос ги искоментира свирежите на навивачите на Црвена звезда.
„Го очекував тоа. Знаеме каде сме, во Србија. Исто како и во Грција, кога луѓето се незадоволни, свират. Сепак мислам дека ако го сакате своето дете, не го тепате, туку го гушкате. Мојата најважна задача е психолошки да ги кренам играчите бидејќи имаме добар тим, но повредите создадоа хаос. Не работев како сакав бидејќи ги немав сите на располагање. Барам трпение од навивачите, сега е тежок момент, но не се предаваме“, рече Сферопулос по натпреварот.