Војдан ги повика навивачите: Дојдете заедно да го победиме Широки!

МЗТ Скопје утре ќе се соочи против Широки од 20 часот во четвртфиналето од плејофот во АБА2-лигата, а македонскиот кошаркар Војдан Стојановски ги повика навивачите да ѝ помогнат на екипата од Аеродром.

Еден од најдобрите кошаркари на МЗТ Скопје се надева дека навивачите ќе ги исполнат трибините во СЦ „Јане Сандански“ и ќе им дадат поддршка во важниот натпревар.

„Плејофот е посебно натпреварување во кое сè е можно. Добро го познаваме тимот на Широки. Знаеме дека треба да играме цврсто и агресивно во двата правци од теренот. Ако го сториме тоа и заедно со големата поддршка од нашите верни навивачи, која сигурен сум дека нема да изостане, тогаш може да се надеваме на триумф. Дојдете заедно да го победиме силниот противник“, кажа Стојановски.

Влезот во СЦ „Јане Сандански“ за мечот меѓу МЗТ Скопје и Широки ќе биде бесплатен.