МЗТ против екс-тренерот на Соколи или втората екипа на Партизан во АБА2-плејофот!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со денешната победа над Златибор (90-71) само го потврдија пласманот во плејофот во АБА2-лигата, но конечниот пласман и противникот во четвртфиналето од доигрувањето ќе го дознаат дури вечерва, по завршувањето на градската црногорска пресметка помеѓу Студентски Центар и Подгорица (21 часот).

Пред „металците“ се две опции, односно тие можат регуларниот дел од сезоната да го завршат на петтото или на шестото место. Во случај Подгорица да загуби во дуелот со лидерот на табелата, тогаш составот од Аеродром би финиширал како петтопласиран и на патот кон финалето прво би ги одмерил силите со Младост Земун. Тоа е екипа што важи за филијала на Партизан во која играат повеќе квалитетни странци и која на претходниот турнир во Сараево тесно и со тројка во пред самиот крај успеа да го совлада македонскиот претставник.

Ако кошаркарите на Подгорица, пак, го изненадат големиот фаворит, кој е првопласиран на табелата со скор 11-1, тогаш МЗТ Скопје би завршил како шести и во четврфиналниот дуел би ги одмерил силите со Борац Бања Лука, на чија клупа седи поранешниот тренер на Карпош Соколи, Драган Николиќ. Аеродромци веќе го растурија овој тим на првиот турнир на Златибор лани во ноември (99-75), кога, рака на срце, босанскиот тим изгледаше драстично полошо од сега.

Плејофот во АБА2 сезонава ќе се игра турнирски како и регуларниот дел и тоа со два меча во секоја фаза од доигрувањето, по кои ќе се собираат резултати и понатаму ќе оди составот кој ќе има подобар вкупен поентерски учинок.