Традицијата продолжува: Лазиќ повторно дефанзивец на сезоната во АБА лигата

Трет пат во четирите сезони откако се доделува признанието, капитенот на Црвена Звезда, Бранко Лазиќ е прогласен за дефанзивец на сезоната во АБА лигата.

Ветеранот ја добиваше наградата и во 2021 и 2022 година, а само лани му ја „украде“ Матијас Лесор, тогаш играч на Партизан. Лазиќ доби 19,6% во гласањето на тренерите, новинарите и кошаркарските фанови, а зад него останаа соиграчот од Звезда, Џоел Боломбој со 18,1‚ и Марко Рамљак од Задар со 14,1%.

Ова е прво индивидуално признание кое го додели АБА лигата по завршувањето на основниот дел од сезоната. Следните денови треба да бидат познати и другите лауреати, вклучувајќи го и најкорисниот играч во сезоната.