
Томе Главчев: Заслужено сме најдобри, нѐ чека големо славје во Гевгелија!
Гевгеличани иако настапија без двајцата најдобри, Данило Мијатовиќ и Горан Главчев, сепак, неочекувано лесно ги минаа двете пречки на завршниот турнир во Тирана. Во полуфиналето беа подобри од Академик Бултекс, додека во вчерашното големо финале буквално го прегазија домашниот тим на Теута. Сето ова донесе насмевка на лицето на творецот на Блокотехна, тим кој ја игра само втората сезона во македонската елита, а веќе се впиша во историјата.
„Навистина се чувствувам добро, зашто ја освоивме титулата. Малку сум тажен што не успеав истото да го направам со Кожув, клуб кој исто така е дел од мојата кошаркарска историја, но се надевам дека и тие еден ден ќе се израдуваат на ваков успех. Среќен сум што носиме трофеј во нашата Гевгелија, каде што нѐ чека големо славје. Овој успех дополнително добива на тежина ако се земе предвид дека ни недостасуваа двајца клучни играчи во тимот поради повреда. Но, сите кошаркари кои беа тука го оставија срцето на терен, па ако судиме според играта, успехот е сосема заслужен. Само две ипол години сме на кошаркарската мапа и се надевам дека овој трофеј ќе го отвори патот кон нови успеси“, изјави Главчев.
Блокотехна со ова стана само вториот македонски тим со меѓународен трофеј, по Фени индустри кој триумфира во БИБЛ во 2011 година.