„Судиите дрско крадат за Партизан и Ц. Звезда – ние другите џабе играме во АБА!“

Американецот во дресот на Будуќност, Јоги Ферел, имаше големи забелешки на судењето на синоќешната „мајсторка“ против Партизан (86-100) во полуфиналето од АБА лигата, по која стана јасно дека белградските вечни ривали ќе играат во пресметката за победничкиот трофеј.

Тој беше најдобриот поединец кај подгоричани во третиот меч и за 16 минути постигна 18 поени, но кон средината на третата четвртина мораше да биде исклучен бидејќи при водство на гостите (60-57) доби техничка грешка, а од претходно веќе имаше и неспортска грешка.. Поради ова, американскиот бек по средбата на социјалните мрежи проговори за судењето на Дамир Јавор, Саша Пукл и Томислав Хордов.

„Како и обично, судиите во АБА лигата мора да крадат за истите два тима да се најдат во борбата за титулата. Нема интегритет во оваа лига“, напиша Ферел.

Тој секако мислеше на Партизан и на Ц. Звезда, кои ќе играат во финалето, а кое почнува в понеделник. Вториот натпревар е закажан за 15 мај, додека третиот на 19 мај. Потенцијалниот четврти меч е на 21, додека евентуалната „мајсторка“ би била закажана за 25 мај.