Стојаковиќ: Тешко дека ќе станев кошаркар да не беше војната – ќе останев на нива!
Тој во подкаст во САД откри колку било тешко да се напушти родниот дом.
„Израснав во земја наречена Југославија, мултиетничка заедница. Моето семејство беше српско, а живеевме во Хрватска. Кога започна војната, моравме да го оставиме сè зад нас и да се преселиме во Србија. Тоа беше моментот кога почна мојата кошаркарска приказна,“ изјави Стојаковиќ во интервјуто за Квентин Ричардсон и Дариус Милер.
Како четиринаесетгодишник, тренер од Црвена звезда му понудил можност за сериозен тренинг, што било негов прв контакт со професионалната кошарка.
„Кошарката ми беше излез, нешто позитивно во животот. Гледајќи ги моите родители како напуштаат сè што создале, ова ми беше единствениот фокус,“ рече Стојаковиќ.
Тој додаде дека животот без војната можеби би изгледал сосема поинаку.
„Да не беше војната, не знам дали ќе играв кошарка. Веројатно ќе продолжев по стапките на моите родители и ќе работев на на нива,“ сподели тој.
Стојаковиќ ја истакна улогата на тренерот кој му помогнал да ги совлада основите на играта и го мотивирал. Во рок од една година, станал најдобриот млад играч во државата. Со само 16 години, Стојаковиќ потпишал професионален договор и заминал во Грција, каде почнал да создава нов живот за себе и своето семејство.
„Секогаш чувствував одговорност да им помогнам на родителите. Кошарката ми донесе многу, но и многу научив – за дисциплината, одговорноста и вредноста на упорноста,“ заклучи легендарниот бек-шутер.
Популарниот Пеѓа најмногу ќе остане запаментен по игрите во дресот на Сакраменто кингс и на репрезентацијата на СР Југославија, со која стана европски шампион во 2001 односно светски првак една година подоцна.