Кошаркарите на МЗТ Скопје излегоа како победници во денешната пресметка против најголемиот ривал Работнички (84-82), во првото вечно дерби одиграно надвор од Македонија во склоп на 8. коло од АБА2-лигата.

Скопските ривали одиграа исклучително возбудлив и до крај неизвесен натпревар, во кој „металците“ со серија 8-2 на самиот крај ги решија дилемите околу победникот. Клучна за победата на аеродромци беше фантастичната рампа на Феми Олуџоби при контранапад на Демиер Питс и тоа при негатива од четири поени (76-80) на нецели две минути до крјаот. Следуваше тројка на Бојан Крстевски со која беше најавен пресвртот, а потоа и триумфот на МЗТ Скопје.

Центарци подобро ја почнаа средбата и пред крајот на првата четвртина дојдоа до предност од седум поени (21-14), но потоа сино-белите од Аеродром ја презедоа иницијативата и со серија 13-2 дојдоа до првата поопиплива предност. Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов потоа имаа и плус 13 во третата четвртина (63-50), кога црвено-белите од „Градски парк“ заиграа зонска одбрана, која го збуни противникот. Работнички во кус период направи серија 16-2 и повторно поведе, со што ја навести големата драма, која имаше среќен крај за противникот.

Бојан Крстевски со 19 поени и шест скока беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека Андрија Бојиќ и Дамјан Стојановски реализираа по 14 поени. Љубомир Младеновски со 17 поени и осум скока беше најпрецизен кај црвено-белите, додека Стефан Балмазовиќ и Мирко Мулалиќ постигнаа по 14 поени.

Аеродромци сега имаат скор 5-3, во пресрет за задутрешниот дуел со Ловќен, додека екипата од „Градски парк“ има учинок 2-6 пред дуелот со Сутјеска закажан исто така за в петок.