Кошаркарите на МЗТ Скопје со исклучително важна победа ја почнаа сезоната во АБА2, откако вечерва, во првиот меч на турнирот на Златибор, го совладаа големиот должник од последниот плејоф, српскиот претставник Младост Земун (97-90), кој важи за можеби најголем фаворит за првото место.

Аеродромци одиграа маестрално против екипата што ги елиминира во четвртфиналето од доигрувањето во минатиот шампионат и со умешна игра во текот на сите 40 минути дојде до воведните два бода. Тоа беше вечер на феноменалниот Дамјан Робев, кој одигра натпревар за паметење и кој беше убедливо најзаслужен за воведниот триумф на сино-белите од „Јане Сандански“.

Македонскиот тим почна силно, поведе со 7-0 веќе на стартот и до крајот го контролираше ритамот, но и резултатот со оглед што противникот водеше само еднаш, а неколку пати екипите беа во егал-ситуација. Избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ умешно го одбиваа секој напад на мотивираниот и силен противник, за на крајот заслужено да се радуваат на успехот.

Робев средбата ја заврши со огромни 30 поени и тоа со шест тројки со само едно промашување. Одличен беше и Немања Милошевиќ со 20 поени, а зад него беше Роберт Рикиќ со 10 поени, додека двајцата собраа по девет скока. Поранешниот „металец“, Андрија Бојиќ, беше еден од тројцата двоцифрени кај Младост со 11 поени, додека одлично одигра и доскорешниот плејмејкер на Куманово, Отис Ливингство, кој реализира 19 поени.

Следниот меч за МЗТ на турнирот на Златибор е задутре, кога ќе ги одмери силите со словенечка Рогашка. Вториот македонски претставник Пелистер, своето деби во АБА2 ќе го има утре и тоа против Ловќен.