Си замина тренерот кој го „измисли“ Стефанов и кој од Антиќ направи - легенда!

Душан Ивковиќ, утринава, во Белград, тивко замина во легендите, што беше спротивно од сѐ друго што направи во тренерската кариера, во која оствари резултати за паметење и за влез во историјата не само на српската туку и на европската и светска кошарка.

Популарниот Дуда ќе остане запаметен како еден од најдобрите стратези во историјата на овој спорт, брилијантен стратег, но и педагог, низ чии раце минале илјадници кошаркари. Среќа да работат со него имаа и двајца од тројцата најдобри на сите времиња во макбаскетот – Врбица Стефанов и Перо Антиќ, кои му должат многу бидејќи без него прашање е дали ќе остварија кариера каква што имаа.

Легендарниот Ивковиќ може да се каже дека го „измисли“ нашиот Врба, со кого ризикуваше во 2000 година кога го ангажира во грчки АЕК. Тоа не беше прв интернационален тим за некогашниот кошаркар на Тиквеш, МЗТ Скопје и Работнички, но тоа беше првпат кошаркарска Европа да сфати со каков бисер располага македонската кошарка. Стефанов по работата со српскиот стратег се издигна во еден од најдобрите европски плејмејкери во своето време, настапувајќи за уште многу реномирани екипи, што речиси сигурно немаше да се оствари ако не беше денеска починатиот тренер.

Србинот имаше уште поголема заслуга за кариерата на сегашниот предводник на македонската кошарка, кога по ЕП 2011 во Литванија реши да ризикува и да го потпише во Олимпијакос. И тоа во ситуација кога Антиќ не само што немаше клуб, туку и на пазарот немаше преголем и интерес за него по релативно скромните сезони во Лукоил Академик, Локомотив Кубан и Спартак Санкт Петербург. Но, со четвртото место во Европа го привлече вниманието на легендарниот Дуда, кој во македонскиот кошаркар виде играч од задача, кого ќе успее да го спаси, но истовремено и ќе добие огромен квалитет за својот тим.

Антиќ на довербата врати со лојалност, трпение и одработување на сѐ што ќе му кажеше тренерот, а епилогот на тоа беше титулата во Евролигата во 2012 година. Тоа, всушност, беше расчистување на патот по кој Македонецот потоа дојде до уште две европски титули, но и влезе во историјата како прв од нашата земја во НБА со двете извонредни сезони во Атланта хокс.

Ивковиќ во голем дел од кариерата имаше и легендарниот дуели со неповторливиот Лазо Лечиќ, кому долго време му бил лут за шегите што му ги правел на меѓусебните средби, особено кога го „чепкал“ за неговата најголема љубов по кошарката – гулабите. Тој секогаш беше достапен за совет на македонските тренери, често држеше предавања во нашата држава, а беше дел од прославата на 80. роденден на Лечиќ во Скопје. Ќе се памети и дека како селектор на Србија загубил во единствениот дуел со Македонија на ЕП 2013 година во Словенија.

Денеска, замина во легендите на 78. годишна возраст, но неговите дела и успеси ќе останат запаметени.