Се слави во Србија и Хрватска, на домашен терен ќе бијат битка за ЛОИ во Токио

Челниците на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) денеска ги објавија организаторите на четирите квалификациски турнири за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) в година во Токио, кои ќе се одржат во Србија (Белград), Хрватска (Сплит), Литванија (Каунас) и во Канада (Викторија) и тоа од 23 до 28 јуни в година.

Станува збор за „чистилишта“ на кои ќе се појават дури 24 светски репрезентации од кои само четири ќе обезбедат јапонска виза и тоа победниците на секоја од групите. Поради тоа борбата за домаќинството беше жестока, а организаторите задоволството го платија со најмалку 3,5 милиони евра. Србите имаат позитивно искуство бидејќи на идентичен начин обезбедија пласман на игрите пред четири години во Рио де Жанеиро, а по нивните стапки сега тргнаа и Хрватите, кои тогаш, пак, изненадија на турнирот во Италија каде што беа најдобри.

Покрај четирите селекции-домаќини, во олимписките квалификации ќе учествуваат уште и репрезентациите на Словенија, Чешка, Полска, Грција, Италија, Русија, Германија, Турција, Бразил, Венецуела, Кина, Доминикана, Мексико, Уругвај, Тунис, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Порторико, Сенегал и Ангола. Ждрепката за секоја од групите ќе биде извршена 27 ноември, а досега пласман на олимпискиот турнир имаат обезбедено Шпанија, Франција, САД, Аргентина, Австралија, Иран, Нигерија и домаќинот Јапонија.

Истовремено беа одредени и организаторите на квалификациските собири во женска конкуренција и тоа Белгија (Остенде), Кина (Фошан), Франција (Бурже) и Србија (Белград). Овие дуели ќе се одиграат во периодот помеѓу 6 и 9 февруари следната година.