„Пешиќ е преплатен старец кој не знае ни каде е семафорот!“

Сензационалната елиминација на ѕвездениот тим на Србија уште во осминафиналето на ЕП 2022 донесе огромен шок во спортската јавност во оваа држава, каде што веќе неколку дена има натпревар во критикување, особено на сметка на селекторот Светислав Пешиќ, за кого сите сметаат дека е најголем виновник за неуспехот.

Меѓу тие што жестоко удрија по предводникот од клупата беше и Драган Јаковљевиќ, тренер на Младост Земун, големиот противник на МЗТ Скопје изминативе неколку сезони во АБА2. Тој смета дека возраста на Пешиќ (73 години) играла голема улога во неговото лошо водење на српскиот национален тим.

„Дали сте слушнале за замор на материјалот? Проблемот е што луѓето со 73 години во некои ситуации реагираат многу бавно. Пешиќ е големо име со многу трофеи, но доаѓа вбреме во кое не може да одговори на тоа што се бара од него. Исто така, луѓето мора да знаат дека е премногу платен. Се поставува прашањето дали е тоа тренер за толку многу пари. Како поинаку да го објаснам фактот што првите шест минути од последната четвртина на мечот против Италија го држеше Јокиќ на клупата. Тој целосно го имаше изгубено концептот за време и семафор, како да не знаеше каде се наоѓа“; изјави Јаковљевиќ.

Србија против „аѕурите“ загуби по водство со 14 поени разлика во првото полувреме.