Партизан во сезоната влегува со буџет од 27 милиони евра и 14.000 претплатни карти!

Српскиот кошаркарски гигант Партизан новата сезоната че ја почне со највисок буџет во историјата – 27 милиони евра, што е значително зголемување во однос на ланските 23 милиони.

Клубот веќе донесе четири нови засилувања, меѓу кои и финската сензација Мика Муринен, додека легендарниот тренер Жељко Обрадовиќ останува на клупата. Претседателот на клубот, Остоја Мијаиловиќ, потврди дека целосно е исплатена лиценцата за настап во Евролигата, а платите на играчите се зголемени за 35 проценти. Тој посочи дека финансиската стабилност на клубот се темели на три извори – продажба на билети, спонзорства и државна поддршка.

„Ако имавме 30.000 карти во продажба, сите ќе беа распродадени. Дополнително, преговараме со една меѓународна финансиска институција за договор кој дополнително ќе ги зајакне нашите финансии“, изјави Мијаиловиќ, потврдувајќи дека по 14.000 продадени сезонски билети продажбата била стопирана.

Во однос на трансферите, првиот човек на Партизан истакна дека клубот нема да брза.

„Не носиме играчи само за бројка. Имаме повеќе опции кои ги следиме, особено на бековските позиции. Со уште две засилувања покрај Муринен ќе го заокружиме тимот, а работиме и на ангажман на центар“, дополни претседателот.

Мијаиловиќ ги прецизираше и целите за сезоната - пласман меѓу шестте најдобри екипи во Евролигата, трофеј во АБА-лигата и подигање на дисциплинскиот стандард на највисоко ниво. Партизан новата евролигашка кампања ќе ја отвори на 30 септември, со гостување во Дубаи.