Тенисер среде меч предизвика расистички скандал: Тие проклети Кинези...! (ВИДЕО)

Италијанскиот тенисер, Лоренцо Мусети, се пласира во второто коло на АТП турнирот во Пекинг, откако во драматичен меч го совлада Французинот Џовани Перикар (7-6, 6-7, 6-4).

Деветтиот светски рекет и четврти носител на турнирот со еден брејк повеќе од ривалот обезбеди дуел со Адријан Манарино. Неговиот настап во кинеската престолнина остана во сенка на скандалозна изјава. Во тај-брејкот на вториот сет, Мусети се налути поради кашлање од трибините, па упати навредливи зборови на сметка на публиката, кои беа оценети како расистички.

„Проклети Кинези, секогаш кашлаат. Тие продолжуваат да кашлаат, срање, кашлаат на секои три минути“, рече Мусети и предизвика гнев кај кинеската јавност.

Поради тоа, тој се огласи рано утринава и се извини.

„Сакам искрено да им се извинам на кинеските навивачи. Мојата изјава беше насочена кон неколку поединци кои со кашлање го попречуваа мечот, но сепак, тоа не е оправдување. Свесен сум дека моите зборови беа навредливи и жалам што ги повредив чувствата на многу луѓе“, напиша Италијанецот, додавајќи дека секогаш се чувствува добредојден во Кина и дека ја цени поддршката од локалната публика.