Новиот Дончиќ ѝ донесе злато од јуниорското ЕП на Словенија – роден е во Белград!

Словенија продолжува да доминира во младинската европска кошарка, откако само две недели по титулата на младинската репрезентација, селекцијата за играчи 18 години го освои европското злато, откако во големото финале ја совладаа домаќинот Италија со убедливи 88-71.

Најголемата ѕвезда на шампионската генерација беше Стефан Јоксимовиќ, кошаркар на Басконија, кој со своите настапи веќе го доби прекарот „новиот Лука Дончиќ“. Тој е роден во Белград во 2008 година, додека неговиот татко Небојша Јоксимовиќ настапуваше за Хемофарм. Поради тоа поседува и српски пасош, а постоеше можност да го облече дресот на Србија. Сепак, уште од самиот почеток се одлучи да ја претставува Словенија.

Зад себе има фантастично ЕП. Во групната фаза постигна 22 поени против Литванија и 28 против Германија, а единствениот натпревар на кој не ја мина границата од 20 поени беше против Бугарија, кога играше само 13 минути. Во елиминациската фаза беше незапирлив – 30 поени против Летонија, 28 против Израел во четвртфиналето и 26 против Шпанија во полуфиналето. Во финалето против Италија уште еднаш ја потврди својата класа. Натпреварот го заврши со 24 поени, осум скока и пет асистенции, предводејќи ја Словенија до нов европски трофеј.

Со ваквите партии, Јоксимовиќ уште еднаш потврди дека е еден од најголемите европски таленти во својата генерација и кошаркар на кого му се предвидува блескава кариера.