МЗТ Скопје новата јадранска авантура ја почнува против тимот што ги елиминира!

Кошаркарите на МЗТ Скопје попладнево, против српскиот тим Младост Земун (18 часот), ја почнува новата авантура во АБА2-лигата, во сезонава која одново ќе се игра според „корона-систем“ односно еднокружно со играње на турнир.

„Металците“ против себе го имаат противникот кој ги елиминира во четвртфиналето од плејофот во минатиот шампионат, што дефинитивно ќе биде дополнителен мотив за избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ. Сино-белите целиот подготвителен период се соочуваа со повреди, поради што досега не одиграа ниту еден меч во полн состав. Очекувањата, сепак, се дека денеска првпат ќе настапат со сите сили, што секако ќе ги зголеми шансите за успешен старт на новиот шампионат.

Македонија и годинава ќе има втор претставник во АБА2, а овој пат тоа ќе биде тимот на Пелистер, кој исто така веќе се наоѓа на Златибор. Битолчани сезоната ќе ја отвори утре и тоа со пресметка против Ловќен.