
МЗТ, Пелистер и Работнички добија сериозни противници во АБА2-лигата!
МЗТ Скопје единствен од нашите клубови ждрепката ја дочека од првиот барабан, но и покрај тоа доби незгодна група во која ќе има силна конкуренција во Хелиос, кој е поранешен член на јадранската елита и во незгодната Цедевита јуниор, додека улогата на аутсајдер ќе ја има црногорскиот тим Теодо од Тиват. Уште потешка група доби и Работнички, кој мораше да плати 25.000 евра за да добие специјална покана за АБА2 каде што ќе игра против фаворизираните Војводина и Сутјеска, како и со поранешниот европски шампион, Босна Сараево.
Кошаркарите на Пелистер за ривали ќе ги имаат Подгорица и Широки како подобро рангирани пред ждрепката, како и српскиот тим Вршац, кој е еден од добитниците на вајлд-картите. Следната сезона ќе нема „балони“, натпреварите се играат дома и на гости, а екипите се поделени во четири групи. По првата фаза, по две екипи од секоја група се пласираат во Топ осум-фазата, каде што се формираат две нови групи со по четири тима, од кои најдобрите две состави ќе се пласираат во полуфиналето, кое се игра до две победи, исто како и големото финале кое ќе го даде новиот патник во АБА.
Новата сезона ќе почне на 24 септември.
РАСПОРЕД НА ГРУПИТЕ ВО АБА2
ГРУПА А: МЗТ СКОПЈЕ, Хелиос, Цедевита јуниор, Теодо Тиват.
ГРУПА Б: Војводина, Сутјеска, РАБОТНИЧКИ, Босна.
ГРУПА Ц: Подгорица, Широки, ПЕЛИСТЕР, Вршац.
ГРУПА Д: Златибор, Борац БЛ, Шибенка, Илирија.