Мициќ ја реши мистеријата за тоа што се случувало пред дуелот со Италија!

Српската кошаркарска репрезентација остана без планираниот пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, откако синоќа загуби од Италија (95-102) среде Белград, по што најдобриот во Евролигата, Василије Мициќ, загадочно најави дека дополнително ќе објасни зошто не играл во второто полувреме.

Кошаркарот на Анадолу Ефес денеска ја реши мистеријата, но тоа не беше скандалозно како што претпоставуваа српските медиуми. Мициќ не се појавил на паркетот зашто на загревањето го повредил квадрицепсот.

„Никогаш не сум барал изговори во животот, па нема ни сега. Се што имам да кажам е дека пред крајот на загревањето почувствував пукање во мускулот на квадрицепсот. Не можам да си објаснам како дојде до тоа. Пробав да играм, но не можев да го дадам максимумот и тоа е тоа. Жал ми е што не се пласиравме на Игрите во Токио, но животот тече понатаму“, изјави Мициќ.