Маљковиќ ги воодушеви Србите: Јокиќ ќе игра на Олимписките игри во Париз!

Претседателот на Олимпискиот комитет на Србија, Божидар Маљковиќ ја восхити спортската јавност кај нашиот северен сосед откако денеска изјави дека Никола Јокиќ ќе настапи на претстојните Олимписки игри што идното лето ќе се одржат во Париз.

Кошаркарот на Денвер Нагетс не играше на неодамна одржаното Светско првенство во Филипини, Јапонија и Индонезија за што доби остри критики од навивачите, а особено откако Србија загуби во финалето од Германија. Фановите сметаа дека со него во тимот, „орлите“ без проблем ќе го освоеја златниот медал.

„Треба да се земе предвид дека до среброто дојдовме без НБА шампионот и МВП, Никола Јокиќ и без поранешниот МВП во Евролигата, Василије Мициќ. Екипата се обедини и го извлече најдоброто од секој поединец. Веќе најавив дека сите ќе играат во Париз, па и Никола Јокиќ“, изјави Маљковиќ во интервју за шпанскиот весник АС.

Србија има загарантиран пласман на Олимписките игри како една од двете најдобропласирани репрезентации на Светското првенство, заедно со Германија. Со тоа ги избегна незгодните квалификации во кои ќе учествуваат европски и светски гиганти како Шпанија, Словенија, Италија, Грција, Финска, Летонија, Бразил итн.