Македонија со три екипи во БИБЛ – ќе игра и Навико Академија ФМП

Македонија ќе има три претставници во регионалната кошаркарска БИБЛ-лига во новата сезона 2021/22, откако после ТФТ и Куманово, деби во ова натпреварување ќе има и Навико Академија ФМП.

Академија ФМП ја прифати поканата за учество во натпреварувањето во кое ќе играат и екипи од Израел, Бугарија, Црна Гора и Косово, а ова практично за дебитантот ќе биде прв меѓународен предизвик, после добрата ланска сезона во домашниот шампионат.

„Позади нас е успешна сезона во која што успеавме да се пласираме во полуфиналето на Купот на Македонија и да избориме пласман помеѓу најдобрите 8 екипи во домашното првенство. Наредната сезона пред нас е поголем предизвик, освен натпреварите од домашната лига и Купот на Македонија, не очекуваат и натпревари на меѓународна сцена кои ќе бидат пред се искуство и предизвик за нашата екипа“, стои во соопштението од клубот.