Македонија пак со само еден претставник: МЗТ Скопје ги дозна ривалите во АБА2-лигата!

Македонскиот претставник во АБА2-лигата, екипата на МЗТ Скопје денеска, конечно, ги дозна противниците во ова натпреварување, преку кое втора сезона по ред ќе се обиде да се врати во елитната јадранска конкуренција.

Засега се познати 11 тимови кои ќе бидат дел од третата сезона во оваа регионална конкуренција, додека последниот ќе биде познат дополнително и тоа со доделување на специјална покана. Србија ќе има три претставника (Борац Чачак, Динамик ВИП и Нови Пазар), по две екипи ќе има од БиХ (Спарс и Широки), Црна Гора (Ловќен и Сутјеска) и од Словенија (Хелиос и Рогашка) додека Хрватска (Сплит) и Македонија пред составот од Аеродром ќе имаат по еден претставник. Покана за настап доби и Работнички како плејоф-финалист, но центарци трета година по ред одбиваат да бидат дел од АБА2-лигата. Во игра за второто македонско место беше и Кожув, но од тоа не излезе ништо.

Сезоната во второлигашкото јадранско натпреварување почнува на 2 октомври, а на стартот МЗТ Скопје ќе му биде домаќин на тимот кој дополнително, преку вајлд-карта ќе влезе во регионалното друштво. Исто како и во минатата сезона, шампионот, кој ќе се добие по плејоф, ќе избори директен пласман во АБА, додека финалистот ќе игра бараж со претпоследниот од елитната конкуренција.

„Металците“ во неодамна завршениот шампионат во АБА2 играа во големото финале каде што загубија од Приморска (0-3), додека во баражот несреќно загубија од Задар (1-2), откако го совладаа противникот во првиот меч на негов терен.